Делчево водич

Печати
Општина Делчево се наоѓа во крајниот североисточен дел на Република Македонија, во подножјето на планината Голак (Чавка -1524 m), непосредно до бугарската граница на оддалеченост од само 10 km. На исток е заградена со планината Влаина, на север со Осоговските и на југ со Малешевските планини.
Сместена е во котлината Пијанец и распослана по горниот тек на реката Брегалница. Поголемиот дел од населените места  на општина Делчево, се наоѓаат во Пијанечката Котлина, а помал број по разграноците на Осоговската Планина.
Општината со нејзината поширока околина се протега на следните координати: 41º 58’ северна географска ширина и 22º 46’ источна географска должина, на надморска височина од 630 метри.Високата планинска котлина Пијанец, се наоѓа на надморска височина од 576-650 m- се простира во должина на околу 15 km а во широчина 4-5 km.
На север и североисток, од коритото на Брегалница, котлината се издига со благи ридови што претставуваат врска помешу Осоговските и Малешевските планини и вододелницата на реките Струма и Вардар. Од југ, котлината е заградена со ридот Бејас Тепе, од  југозапад со планината Голак. На север во должина од 30 km постепено се издигаат голите ридчести падини на југоисточните делови на планината Осогово. Овој дел го носи името Осоговија. Преку Долините на реките Брегалница и Желевица, Пијанец на југ е поврзан со повисоката Малешевска Котлина, а на запад по долината на Брегалница со многу пониското Кочанско Поле. На исток Преку планинскиот пресек Арнаутски Гроб, Пијанец е поврзана со Благоевградската Котлина во Пиринска Македонија.
На југ се граничи со со општините Пехчево и Берово, на запад со општината Виница, на северо – запад со општината Македонска Каменица, а на исток и северо исток со Република Бугарија.
Климата е умерено - континентална. 
Делчево денесОпштина Делчево на југ се граничи со општините Пехчево и Берово, на запад со општината Виница, на северозапад со општината Македонска Каменица, а на исток и североисток со Република Бугарија. Општината претставува важна алка на источномакедонската магистрала, која ги поврзува сите поголеми населби во овој дел на земјата, а понатаму и со делови од територијата на соседна Бугарија. Практично, Делчево лежи на еден многу важен крстопат преку кој во напореднички правец води најкусата врска меѓу долината на реката Вардар од една, и долината на реката Струма од друга страна.
Административно гледано, градот Делчево е седиште на општината Делчево која има уште 22 населенo местo.
Општината Делчево до 1996 година зафаќаше површина од  589  km²  или 2,3 %  од територијата  на државата. Со новата територијална поделба на Република Македонија, од општина Делчево е издвоена општината Македонска Каменица, така што таа денес  зафаќа територија од  423 km² . Покрај општинскиот центар Делчево,  во општината има и 21 селска населба. По големина на територија и број на население, општината се вбројува во помалите општина во Република Македонија.
Share/Save/Bookmark