Свечено пуштање во употреба на Улица Сервисна 3 со најава за реализација на поголем број проекти во периодот кој следува



На пригодна свеченост, Градоначалникот на Општина Делчево, г-дин Горан Малешевски, и претседателот на Советот на Источен плански регион, г-динот Ратко Димитровски, во присуство на градоначалниците од Источниот плански регион и директорката на Центарот за развој на Источниот плански регион. ја пуштија во употреба улицата „Сервисна 3“. Улицата се наоѓа во развојната Сервисна зона, во северозападниот дел на Делчево. Изградбата на оваа улица се реализираше пред Нова Година, со финансиски средства од Буџетот на Општина Делчево. Изведувач на работите беше ЈПКД „Брегалница“ од Делчево како носител на севкупниот проект, а подизведувач ГД „Гранит“ од Делчево, кои ги реализираа асфалните работи на улицата.
Според зборовите на Градоначалникот на Општина Делчево, реализацијата на овој проект оди во директен прилог на подобрувањето на инфраструктурните услови, за постојните индустриски капацитети во овој дел од градот, но и иницирањето за воспоставување на нови финансиски инвестиции, во изградба на стопански објекти од лесната индустрија, кои неминовно ќе доведат до нови вработувања и заживување со нов импулс во целокупната економија во општина Делчево.
Од страна на Градоначалникот беа најавени и изградбата на улиците „Сервисна 2“, „Сервисна 4“ и „Сервисна 5“ со што целокупната патна инфраструктура на оваа индустриска зона ќе се заокружи и би се создале реални услови за изградба на предвидените индустриски капацитети во иднина. Исто така, Градоначалникот Малешевски најави и дел од градежните проекти чијашто имплементација ќе започне од наредниот месец, преку изградба на нови градски и селски улици и редица други градежни објекти на територијата на целата општина Делчево.
Изградбата на улицата „Сервисна 3“ чинеше 4. 905.284,00 денари, а се асфалтираа 296 м, кои заедно со останатите асфалтни градежни зафати кои се реализираа на територијата на општина Делчево изнесуваа вкупно 14 км (изградени и реконструирани локални патишта).