Во понеделник 22.10.2012 година, со полагање на свежо цвеќе пред споменикот на идеологот на македонското револуционерно движење од пред Илинденскиот период и патрон на нашиот Град-Гоце Делчев, и пригодна свечена програма, во Делчево се одбележа 23-ти Октомври "Денот на македонската револуционерна борба".
Оддавањето почит на сите знајни и незнајни јунаци и учесници во македонската револуционерна борба започна во 17.30 часот со читање на прогоден реферат за значењето на овој празник. Потоа пред споменикот на Гоце Делчев свежо цвеќе положија претставници од општина Делчево, како и советници од Советот на општина Делчево.
Во 18.00 часот во спомен домот АСНОМ започна културно уметничката програма во изведба на членовите на НУЦК Никола Јонков Вапцаров, како и афирмирани музички исполнувачи од Делчево.
За крај на програмата беше направена премиерна видео проекција на документарниот филм "Во Селник на Петковден" во авторство на Васил Маневски, кој е посветен на големиот верски празник помеѓу народот познат како Петковден, а кој се празнува секоја година традиционално кај црквата Св.Петка во село Селник.
Филмот беше сниман и работен во изминатите две години, со подршка на повеќе правни субјекти и физички лица, како и со подршка на Градоначалникот Горан Малешевски.