Во организација на градоначалникот на општина Делчево г-дин Горан Малешевски во сабота 8-ми септември 2012 година со почеток во 21.00 часот се одржа рок концертот "Во Делчево под ѕвездите".
Во рамки на програмата настапија 6 (шест) изведувачи предвидени за таа вечер. Атмосферата на концертот ја подгреваа Никола Тренчевски и Марија Атанасовска со изведба на нивни и познати светски хитови. Потоа следуваа делчевските рок бендови "Македон" и "Разор" кои на свој специфичен начин им се претставија на неколку стотната публика присутна во центарот на Делчево.
Во продолжение следуваше скопскиот hard rock 'n heavy состав Steel temple кои прозвучија компактно и уиграно со оглед на нивното-повеќе од деценија-искуство на македонската рок сцена. Атмосферата беше сосема подгреана кога на сцената грмнаа делчевските "Верка"- бенд кој опстојува подолг период со одредени прекини на македонската музичка сцена. Речиси во еден здив беа отсвирени повеќето од темите на нивните два албуми, а публиката љубоморно го следеше секој нивен звук, без разлика на неговата дисторзија и комплицираност на ритмика.
Она што го карактеризира овој бенд дојде до полн израз за време на концертот, а тоа е енергичноста и постојаната флуидност со публиката,. Бендот е дефинитивно вреден за доживување на сцена во живо.
Овој концерт беше реализиран во рамки на манифестацијата за одбележување на јубилејот "100 години град Делчево", со сретства од буџетот на општина Делчево.