Во недела 20.05.2012 година во село Разловци-општина Делчево со повеќе настани се одбележа 136 годишнината од Разловечкото востание во организација на општина Делчево.
Манифестацијата започна со полагање на свежо цвеќе пред спомен плочата (поставена по повод 135 годишнината од востанието) на Поп Стојан на ѕидот на црквата Св.Цар Константин и Царица Елена во центарот на Разловци, по што следуваше панихида за загинатите учесници во востанието чии што гробови се сместени под тремот на црквата. Свежо цвеќе пред спомен плочата на Поп Стојан положија делегација од општина Делчево предводена од градоначалникот на општина Делчево г-дин Горан Малешевски, претставници на политички партии и здруженија од општината.
Потоа во дворот на подрачното училиште на ООУ Св.Климент Охридски од Делчево се одржа пригодна културно уметничка програма.
Програмата започна со поздравен говор на градоначалникот Малешевски пред присутните гости и жители на село Разловци, во кој градоначалникот го истакна значењето и улогата на Разловечкото востание во севкупната историја на Македонскиот народ, како и за регионот на Пијанец и општина Делчево.
Потоа беше прочитан пригоден реферат од историографски и фактографски аспект за Разловечкото востание, подготвен од страна Ирена Телетанска-професор по историја во СОУ ММ Брицо, по што беше прочитана првонаградената литературна творба во рамки на конкурсот спроведен во рамки на оваа манифестација, на тема за Разловечкото востание.
Во продолжение на програмата следуваше обемна културно уметничка програма од богатиот репертоар на културно уметничките организации кои егзистираат во Делчево: ЗФГ Копачка од с.Драмче, КУД Гоце Делчев, и НУЦК Никола Јонков Вапцаров.
Во официјалниот дел од програмата зедоа и планинари од Делчево и Пехчево кои по повод на овој настан поминаа 10 километри долг планинарски марш од с.Тработивиште до с.Разловци.
По завршувањето на програмата за присутните гости беше послужен традиционален ручек кој што секоја година општина Делчево го организира во оваа прилика, во дворот на црквата Св.Цар Константин и Царица Елена.