Понеделник, 02 Март 2020 11:50
Градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, денеска во Владата на РСМ заедно со градоначалниците од 80 општини и градот Скопје, го потпиша Меморандумот за разбирање со општините за реализација на Проектот за поврзување локални патишта со кој Делчево добива неповратни 791.485 евра за изградба и рeконструкција на локални патишта и улици.
Денешното потпишувањето на Меморандумот за соработка со сите општини во државата, претставува официјализација на соработката и почеток на реализација на проектот кој изнесува 70 милиони евра и предвидува реконструкција и изградба на 450 километри ликални патишта во државата.
Во рамките на овој проект, Општина Делчево во првата фаза аплицираше за реализација на потпроектите: реконструкција на ул „Орце Николов“ во должина од 500 м со изградба на тротоари, реконструкција на ул. „Скопска“ во должина од 250 м со изградба на тротоари, реконструкција на дел од ул „Острец“ во должина од околу 100 м со изградба на потпорен ѕид и тротоари, како и изградба на стариот локален пат Делчево-Тработивиште во должина од 5,3 км заедно со инсталирање систем за одводнување со отворен канал и пропусти.
Проектите се предвидени за тендерирање од страна на Министерството за транспорт и врски во текот на 2020 година.
Во врска со потпишувањето на Меморандумот, градоначалникот Трајковски истакна дека Општина Делчево добива значајна и конкретна поддршка од Владата на РСМ со што ќе се решат децениски инфраструктурни проблеми на граѓаните.
- Преку Проектот за поврзување локални патишта, Делчево добива 791,485 евра или околу 49 милиони денари што се случува за прв пат во историјата на градот да се алоцираат толку средства за патна инфраструктура. Изразуваме голема благодарност до Владата за оваа значајна поддршка и најавуваме изградба и реконструкција на патната инфраструктура во градот и населените места во општината, со што значително ќе го подобриме квалитетот на животот на граѓаните, истакна Трајковски.
Проектот завршува во 2024 година и е резултат на Договорот за заем потпишан од Министерството за финансии и Светска банка, а крајни корисници се сите општини од РСМ. Проектот покрај општествената одговорност има за цел подобрување на пристапот на граѓаните до услугите и објектите од јавен интерес, како и зголемување на мобилноста и безбедноста во сообраќајот.
Коментари кои содржат навредлива содржина по било која основа нема да се објавуваат.
Коментари кои содржат несоодветни зборови нема да се објавуваат.
Коментари кои се упатени на други коментари а се со содржина која не е поврзана со содржината на текстот на статијата нема да се објавуваат.