Ниво на корисникот: / 0
НајлошоНајдобро 

Актуелно - Актуелности

DSC 0017_resize DSC 0019_resize

Во организација на Општина Делчево, НУЦК„Никола Јонков Вапцаров“, а со поддршка на Министерството за култура, во исконскиот амбиент во селото Разловци со богата културно-уметничка програма беше одбележана 143-годишнината од Разловечкото востание.

Во рамките на одбележувањето во спомен-домот „Разловечко востание“ беше отворена изложбата од Ликовната колонија на тема „Разловци на платно“ на која изминатава недела твореа познати делчевски уметници. Со свои импресивни дела во кои оживееја мотиви од импресивното село Разловци се претставија познатите делчевски уметници Петар Атанасов-Пепи и Александар Белогаски, како и младите уметници Ели Енѓовска и Ангела Ефтимова.

DSC 0020_resize

Одбележувањето на годишнината од Разловечкото востание продолжи во дворот на црквата „Св.цар Константин и царица Елена“, каде пред спомен-плочата на поп Стојан, се поклонија и свежо цвеќе положија: делегација од Општина Делчево, предводена од градоначалникот Горан Трајковски, претставници од Советот на Општината, претставници од институции, политички партии и здруженија на граѓани. Свештеници од МПЦ од Делчево одржаа панихида во црквата „Св.цар Константин и царица Елена“.

Градоначалникот Трајковски во своето обраќање пред присутните се наврати на историските моменти од Востанието истакнувајќи дека Востанието обврзува и поттикнува да работиме и да ја градиме нашата општина и држава.

-143 години од тој 20 мај 1876 година, ние ќе кажеме дека сме горди потомци на Поп Стојан, Димитар Поп-Ѓеоргиев –Беровски, на Цоне Спасов, на храбрите востаници кои сами се организираа, продаваа дел од своите имоти за да купуваат оружје и први се дигнаа против Османлиската Империја одбележувајќи го почетокот на бурниот предилинденски период. Со посебен питет зборувам за овој славен настан, но сакам да зборувам и за сегашноста и за иднината. Годините минуваат, спомените се запишуваат или избледуваат, но мојата цел како градоначалник е да оставам белег, да донесам развој во секое поле и верувам дека овие мои искрени намери се препознаваат и ќе дадат плод, истакна Трајковски

Во рамките на културно-уметничката програма настапија КУД „Гоце Делчев“, ФГ „Н.Ј.Вапцаров“ и пејачката група „Ѓурѓа“, а во рецитаторскиот дел настапија ученици од ООУ „Ванчо Прке“, ученици од ООУ „Свети Климент Охридски“, како и од подрачното училиште во Разловци.

На централната прослава во Разловци му претходеше планинарски марш на кој учество зедоа неколку планинарски друштва од регионот.

DSC 0039_resize

DSC 0057_resize DSC 0059_resize

DSC 0062_resize

Share/Save/Bookmark